Досега вкупно 20 родилки се потврдени како позитивни на коронавирус во скопската Клиника за Гинекологија, потврдила за „Фокус“ директорката Викторија Јовановска.
Таа додала дека очекуваат поголем наплив на пациентки заразени со вирисот.
„Не знам како ќе постигнеме. Досега имавме вкупно околу 20 позитивни родилки на корона вирусот, а очекуваме уште повеќе. Изолациониот дел е речиси преполнет, а лошото е тоа што веќе не знаеме која родилка е позитивна, која не. Речиси на сите им земаме брис, но додека да стигнат резултатите некои веќе мораме да ги породиме“, истакнала Јовановска за „Фокус“.
Во изолациониот оддел одат пациентки кои доаѓаат од Чаир, со оглед на тоа што таму има над 300 активни случаи. Во изолација директно одат и родилките од Тетово и Штип, коишто во во моментов се кризни подрачја.
„Добро е тоа што досега немаме заразен персонал, освен неколку што беа во самоизолација. Но, сега се вратени. Персоналот е преморен и не знам како ќе продолжиме со тоа темпо понатаму. Тоа што е уште пострашно е што бројката на позитивни може да продолжи да се зголемува“, посочува доктор Јовановска.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 4482 бројката на оздравени пациенти е 1803, на починати е 210, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2469.
