Доцнат првите 2 километри од патот Скопје – Блаце – поради стрмниот терен, делницата ќе се заврши во пролет 2023 година

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Требаше да бидат завршени 90 отсто, но досега се завршени околу 65 отсто од градежните активности за првите два километри од патот Скопје-Блаце. Доцнењата се поради, како што вели директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми, стрмниот терен.

„Веќе нарачавме посебно проектирање на овој страничен дел и потпорен ѕид кој е долг 280 метри и висок 18-20 метри на овие 2 км од делницата и затоа проектот мора да го направи компанијата „Хил“. Потоа мора да се ревидира од страна на Градежниот факултет и потоа следува реализацијата.“, рече Рустеми.

Рустеми смета дека овие 2 километри ќе бидат завршени напролет 2023. Тогаш ќе почне изградбата на вториот дел од патот, кој е во должина од 10 километри. По потпишувањето на договорот за заем со ЕБОР веќе се започнати процедури за избор на техничка помош, вели Рустеми, па потоа ќе следи избор на изведувач на градежните работи и надзорот.

„Дали предвидовте временска рамка за тоа кога делот од 10 километри може да биде завршен и поврзан со Коридорот 8?“

„Во тек е ревизија на проектот кој исто така го подготви компанијата „Хил“ за вторите 10 километри. Тој е на ревизија на Градежниот факултет и откако ќе биде завршена ревизијата ќе седнеме и ќе го одредиме рокот за реализација во најбрз можен рок, бидејќи рокот многу зависи од објектите што се на тој пат. Кога зборуваме за патот Скопје-Блаце, мора да нагласиме дека овде има повеќе тунели. Ќе имаме 6 тунели од едната страна, а 5 тунели од другата страна на патот. Должината на сите овие тунели ќе биде околу 2,2 километри. Имаме и многу мостови и овие објекти уште повеќе ја одложуваат реализацијата на проектот“, вели Рустеми.

Предвидено е патот Скопје-Блаце да се поврзе со Коридорот 8, што би помогнало директно да се поврзе Косово со овој паневропски коридор.

error: Content is protected !!