Предлогот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски се очекува да се најде на владина седница во вторник. Од Министерството за правда потврдуваат дека работат на предлог-текстот. Во меѓувреме, владини претставници велат дека не течат дискусии за името на наследникот на Коцевски, но дека посакуваат тој да биде професионалец.
„Обвинител којшто ќе даде поголем придонес во рамките на легитимитетот за борба против организиран криминал и висока корупција кај граѓаните.“, додава Панче Тошковски.
Од друга страна, претставници на опозицијата сметаат дека најпрвин треба да се реформира правосудниот систем, па потоа кадровските решенија да си ги избира самата фела. Според пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој гостуваше во „Дејли клик“, ќе се покрене и прашањето за довербата во идниот државен обвинител зашто тој ќе биде предлог на актуелната власт.
„Менување на имиња, менување на одредени поединци, но некреирањето на нов реформиран систем, нема да нуди ништо ново.“, вели Фатмир Битиќи.
Коцевски претходно истакна дека нема да поднесе оставка иако тоа го побара премиерот Христијан Мицкоски, според кого, обвинителот имал време да се покаже. Коцевски вели дека работел законски и не сторил тешка дисциплинска повреда, како што сугерира власта. Додека од Владата сметаат дека тој е виновен за неефикасноста и слабата доверба во правосудството, опозицијата тврди дека се прави упад во правосудниот систем.
