Дождлив петок: Најстудено во Маврови Анови, најмногу дожд во Гевгелија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утрово низ земјата беа измерени ниски температури, кои се движеа од 3 до 9 степени.

Најстудено беше во Маврови Анови со 3°C, додека 4°C измерија Крушево, Лазарополе и Пожаране. Минимални 5°C имаше во Ѓуриште, а 6°C во Тополчани, Прилеп, Берово, Претор и Тетово. Температура од 7°C беше регистрирана во Крива Паланка, Битола и Охрид, додека 8°C се измерени во Виница, Скопје–Зајчев Рид, Штип, Куманово, Скопје–Петровец, Велес, Кавадарци и Струмица. Највисоките минимални утрински температури од 9°C беа забележани во Демир Капија и Гевгелија.

Во изминатите 24 часа до 07 часот најмногу дожд наврна во Гевгелија – 19 литри на метар квадратен.

Следуваат Струмица со 13 l/m², Пожаране со 10, а 9 l/m² се регистрирани во Маврови Анови. Во Ѓуриште наврнаа 7 литри, додека 6 l/m² се измерени во Куманово, Лазарополе, Скопје – Петровец, Крушево и Штип. Тетово, Демир Капија, Берово и Битола бележат по 5 литри, а 3 литри наврнаа во Крива Паланка, Виница и Велес. Помали количества има во Кавадарци и Претор (2 l/m²), а најмалку во Скопје – Зајчев Рид, Охрид и Тополчани, каде се измери само 1 литар на метар квадратен.

Денеска следува облачно време насекаде со врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во јужните делови на земјата, каде локално се очекуваат над 40 l/m² за 24 часа. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, а максималните температури ќе се движат од 8 до 12 степени.

Во Скопје времето ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, а максималната температура ќе достигне до 11 степени.