ДПА и ЕДП официјално се приклучуваат на „Европскиот фронт“ во кој веќе се ДУИ и НД. Мендух Тачи и Арјанит Хоџа го потпишаа договорот заедно со Али Ахмети и Скендер Реџепи Зејди во Тетово.
„Можеби имаме разлики во пристапот кон политичките проблеми и во нивната форма и третман, но се е неважно кога е во прашање албанското прашање, Албанците и иднината. Наспроти тоа, од другите кои очекуваат дека преку Мицкоски или други ќе добијат милостина од власта, јасно ни е дека албанскиот политички фактор ја добива власта од Албанците и дека нашата адреса е Тирана и Приштина, а не седиштето на ВМРО“, вели Арјанит Хоџа.
„Да бидеме сега политички добро структурирани, да, добро сме структурирани без дискусија, и институционално добро структурирани и посакувам Талат да биде премиер барем уште 2 години, запомнете. Нема да може да се формираат државни институции без Европскиот фронт, без пратениците на овој фронт“, порача Мендух Тачи.
„Јас не се откажувам до минатото, доколку чувствувам носталгија, тоа е носталгија за нелегалното движење и тоа ми даде сила да не го губам трпението или да држам лутина кон Мендух Тачи, бидејќи тој беше дел од мојот табор дека заедно се боревме да ја урнеме империјата на Југославија. Точно е дека ме навреди, но кого да навреди!“, вели Али Ахмети.
„Европскиот фронт ќе стане заедничко тело на многу политички субјекти, од многу национални етникуми кои живеат во РСМ, за да докаже дека Европски фронт кој ни носи добрина, благосостојба, среќа, сите благослови што треба да ги ужива народот, идните генерации ќе бидат целосно обезбедени, гарантирани од нашето пријателство со САД и нашето патување со ЕУ, бидејќи немаме друга алтернатива надвор од Европскиот фронт“, вели Скендер Реџепи.
Засега се уште не се знае дали АШ, крилото на Села, ќе стане дел од оваа коалиција, но се очекува да се дознае во сабота кога оваа партија ќе го одржи состанокот на централното собрание.
Во спротивно, уште две партии ќе се приклучат на Европскиот фронт. Шефот на ДУИ вчера се ракуваше со Курто Дудуш, шеф на партијата Сојуз на Ромите, а дел од коалицијата ќе биде и Демократската партија на Турците.
