Трагедија во Кападокија: Карпа се урна врз туристи, две лица загинаа, едно е повредено

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Две лица го загубија животот, а едно е повредено откако дел од карпеста формација се урна во познатата туристичка област Кападокија, во централна Турција.

Несреќата се случила во близина на музејот на отворено во Гореме, каде што по обилните врнежи од дожд дошло до одрон на делови од карпестите формации познати како „самовилски оџаци“.

Според гувернерот на покраината, трагедијата се случила околу 15:15 часот по локално време, кога откорнатите карпи паднале врз луѓе кои се наоѓале во непосредна близина.

На местото веднаш пристигнале спасувачки екипи, кои пронашле две безживотни тела и едно повредено лице.

Локалните власти соопштија дека обилните дождови се причина за одронот. Спасувачките служби продолжуваат со пребарување и проверка на теренот, додека идентитетот и државјанството на настраданите засега не се објавени.

Кападокија е една од најпосетуваните туристички дестинации во Турција, препознатлива по необичните карпести формации, пештерските населби и летовите со балони на топол воздух.