Рекордното нуркачко достигнување во подводната пештера Врело во кањонот Матка може да му донесе едно од највисоките градски признанија на полскиот нуркач Бартоломиеј Питала. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски поднел предлог тој да биде прогласен за почесен граѓанин на Скопје.
Предлог-одлуката ќе биде ставена на гласање пред советниците на Советот на Град Скопје на претстојната седница, закажана за четврток.
Како што се наведува во образложението, признанието се предлага поради исклучителниот придонес на Питала во истражувањето, афирмацијата и меѓународната промоција на природните богатства на Скопје и неговата околина, особено на подводната пештера Врело.
На 17 октомври годинава, Питала, заедно со меѓународен тим нуркачи, достигна истражена длабочина од 338 метри во пештерата Врело. Ова достигнување е оценето како нов светски рекорд во истражувачкото нуркање.
Во предлогот се истакнува дека Питала го предводел тимот составен од нуркачи од Полска, Италија и Македонија, со поддршка од спелеонуркачкиот клуб „Врело“.
„Бартоломиеј Питала даде историски значаен придонес во истражувањето на подводниот свет на подводната пештера Врело, неистражена до нејзиното дно. Неговиот подвиг со меѓународен тим спелеонуркачи и со поддршка од спелеонуркачкиот клуб „Врело“ го запиша името на Скопје во едно од најзначајните поглавја на светската историја на подводните истражувања“, се наведува во образложението.
Од Град Скопје посочуваат дека значењето на експедицијата не е само во достигнатата длабочина, туку и во новите можности за научно истражување и подобро запознавање со хидролошките и другите карактеристики на пештерата.
Според предлогот, достигнувањето дополнително ја зголемува меѓународната видливост на Врело и Скопје, отворајќи можности за промоција на градот како атрактивна дестинација за туристи и љубители на спелеонуркањето од целиот свет.
