Финансиската полиција извршила претрес на домот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулевски. Тој преку статус на Фејсбук соопшти дека неговиот дом бил претресен а чинот го оценува како притисок, бидејќи упадот на полицијата во неговиот дом се случил токму дента кога се гласа недоверба на Владата.
„Не ви се плашиме, денес хибридниот режим ќе заврши! Од 5:30 до овој момент во мојот дом упадна и врши претрес Финансова полиција!“, истакна Јован Јаулески.
Реагираа и од партијата на пратеникот. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски овој чин на финансиската полиција го нарече полициска бруталност и режим на Зоран Заев.
Но од Финансиска полиција демантираат и ги отфрлаат информациите дека бил извршен претрес на домот на пратеникот за политички цели. Од таму велат дека денешната акција се однесува на предистражни постапки за лица вработени во ЕВН ЕЛЕКТРАНИ НА МАКЕДОНИЈА и ЕВН МАКЕДОНИЈА.
“Управата за финансиска полиција, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје врши проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителните трансакции на парични средства помеѓу ЕВН ЕЛЕКТРАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица.Во рамките на предистражната постапка, а по претходно обезбедени наредби од надлежните судови, во текот на денешниот ден беше извршен претрес кај повеќе физички лица на територија на Град Скопје и Делчево, меѓу кои вработени лица во ЕВН ЕЛЕКТРАНИ ДООЕЛ Скопје и ЕВН МАКЕДОНИЈА АД Скопје, а со цел пронаоѓање на докази во насока на ефикасно водење на предистражната постапка и докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела”, велат од Управата на финансиската полиција.
Од кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски за ТВ21 велат дека пред еден месец кај нив стигнала оваа сомнителна претставка во која станува збор за повторно продавање на земјиште преку сомнителни трансакции, која потоа била доставена до финансиска полиција за понатамошни дејствија.
„Минатиот месец до мојот кабинет пристигна претставка/пријава од општина Делчево за сомнителен пренос на недвижен имот. Се работи за препородавање на земјиште преку сомнителни трансакции на парични средства помеѓу ЕВН ЕЛЕКТРАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица. Претставката беше детално разгледена, при доставените материјали укажуваа на постоење на индиции за незконитости и проневери во милионски суми од организирани групи. Со цел понатамошно постапување целокупниот материјал што пристигна до мојот кабинет беше веднаш доставен до надлежните институции во случајов до Управата за финанска полиција“, посочуваат од Кабинетот на Николовски.
Врз основа на соопштението од Финансиската полиција се чини дека цел на денешниот претрес бил и таткото на пратеникот и неколку други лица кои работат во ЕВН Електрани на Македонија и сето тоа е направено за расчистување на сомнителни трансакции на парични средства меѓу ДООЕЛ ЕВН Електрани на Македонија Скопје и неколку физички лица.
