Државата ја презема Дрисла, забрана за движење кај дивата депонија Вардариште

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вака од Водно денеска изгледа Скопје. Скопјани се гушат во загадениот воздух, главно од пожарите во депониите Дрисла и Вардариште. Државните мерните станици покажуваат зголемување во загадувањето со ПМ10 честички во воздухот.

И откако гасењето со вода вчера не дало резултати, новиот метод за гасење на пожарот во Дрисла е со затрупување- информираше Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов. Поради кризната состојба надлежноста врз Дрисла ја презема Главниот штаб за управување со кризи. Ангелов рече дека има сомневања дека пожарот во Дрисла е подметнат.

-Имаме индиции дека се работи за намерно подметнат пожар, бидејќи во текот на летото, лето во кое што имавме рекордно високи температури не дојде до самозапалување на оваа депонија, а сега кога температурите особено ножните се далеку пониски во однос на јули дојде до самозапалување во наводници на оваа депонија, вели Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.

Денеска пак Управувачкиот комитет и предложил на Владата да донесе одлука за забрана за движење во депонијата Вардариште. Оваа депонија ќе биде обележана и движењето низ неа ќе биде казниво. На тој начин ќе спречиме злонамерници да се движат во оваа депонија, рече Ангелов.

-Истата ќе биде внимателно обезбедена и ќе спречиме намерно, но и ненамерно нејзино потпалување. Да потсетам дека од страна на МВР се поднесени кривични пријави против три лица кои што веќе се наоѓаат во затвор, лица кои што управувале со диви отпади на кои што вршеле откуп на метали кои што биле добивани преку процес на согорување на кабли и друг вид на отпад на депонијата Вардариште, вели Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.

Ангелов очекува денеска двете депонии да бидат целосно затрупани. Вели ова е привремено решение. Очекува после изборите, владата и новите градоначалници да почнат со реализација на проектот кој е донесен пред повеќе години, кој ќе биде трајно решение.

Премиерот Мицкоски пак вели метанот се пали со еден отпушок од цигара. Прашува на кого му одговара оваа тема пред избори и најавува решенија.

-Вардариште не го создадовме ние за овие 15 месеци, тоа е создадено 35 години можда и повише. Ама ние ќе го решиме. Исто како, кога ќе ги добиеме ингеренциите ќе ја средиме Дрисла ќе ја спакуваме и ќе личи на модерна европска депонија со фабрика која што ќе произведува енергија и која што ќе го произведува отпадот, ќе го складира, рециклира и така натаму и така натаму. И тоа ќе биде јавно- приватно партнерство. Еве уште од сега кажувам, изјави претседателот на Влада, Христијан Мицкоски.

Жителите на Аеродром пак со денови протестираат поради палењето на дивата депонија кај Вардариште. Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ алармира дека континуираното палење на депонијата Вардариште претставува сериозна закана за здравјето на граѓаните и за животната средина. Тие и денеска продолжуваат со протестите, секој ден во 18 часот кај паркот Авионче.