По неодамнешното впишување на Олимп на Листата на светско наследство на УНЕСКО, Грција повторно ја активира иницијативата Преспанското Езеро да биде вклучено во листата на УНЕСКО.
Иницијативата, која Грција официјално ја започна во 2014 година, сега се промовира заеднички со Албанија и Северна Македонија, земји со кои го дели Преспанското Езеро.
Како што пишува „Катимерини“, следниот петок во грчката општина Преспа ќе се одржи средба на министрите за култура на трите земји – Лина Мендони од Грција, Бленди Гонџа од Албанија и Седат Сулејмани од Северна Македонија. На средбата ќе присуствува и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас.
Целта е да се договорат следните чекори за заедничко промовирање на кандидатурата. Според „Катимерини“, Европската Унија покрај политичката поддршка ќе ги финансира и првите потребни студии.
Амбасадорот Рокас ја истакнал важноста на заедничката иницијатива на трите земји за заштита и промоција на природното и културното богатство на Преспа.
Градоначалникот на грчката општина Преспа, Јоргос Стергиу, изразил подготвеност за поддршка на иницијативата и посочил дека локалните власти со години соработуваат со соседните земји на заштитата на езерото.
Албанскиот министер за култура, пак, според „Катимерини“, оценил дека значењето на иницијативата ги надминува рамките на кандидатурата за УНЕСКО, бидејќи може да донесе поголема меѓународна видливост за Преспа, можности за заштита на културното наследство, одржлив развој и развој на туризмот.
Идејата Преспанското Езеро да биде ставено на листата на УНЕСКО не е нова. Грција ја поднела иницијативата на 16 јануари 2014 година, кога езерото било ставено на таканаречената индикативна листа – почетна фаза пред поднесување целосна кандидатура.
Сега, по иницијатива на грчката министерка за култура Лина Мендони, се разгледува можноста кандидатурата да биде промовирана заеднички од Грција, Албанија и Северна Македонија.
