Државниот врв им го честиташе празникот на верниците по повод Курбан Бајрам, испраќајќи пораки за мир, солидарност и соживот. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во својата честитка оцени дека во време на несигурности и предизвици, верските празници имаат посебна духовна сила и служат како мост за зајакнување на почитта и разбирањето меѓу граѓаните.
„Токму во способноста да се зачува и изрази љубовта и грижата за ближниот, дури и во моменти на разлики и предизвици, се препознава и се мери интеграцијата на општеството. Само преку разбирање, меѓусебна почит и култура на почитување, различноста може да биде предност, а не слабост, да стане мост, а не пречка, да прерасне во единство, надминувајќи ги поделбите“, изјави Сиљановска-Давкова.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во својата честитка ги повика граѓаните на повеќе единство, мир и хармонија, додавајќи дека само заедно може да се изгради подобра иднина за сите граѓани.
Графика со фотографија
„Овој свет празник нè потсетува на важноста од грижата еден за друг, споделувањето добрина со семејството, соседите и сите оние на кои им е потребна поддршка и човечка топлина. Курбан Бајрам е и повик за повеќе единство, мир и хармонија во нашето општество, зацврстувајќи ја вербата дека само заедно можеме да изградиме подобра иднина за сите граѓани“, рече Гаши.
И премиерот Христијан Мицкоски испрати честитка, потсетувајќи дека овој празник ги претставува вредностите на солидарноста и меѓусебната почит.
„Курбан Бајрам нè потсетува на вредностите на солидарноста, хуманоста, меѓусебната почит и грижата за нашите соседи. Во духот на празникот, да продолжиме заедно да градиме општество на разбирање, единство и почит, каде што различноста е наша сила, а заедништвото наша иднина. Празничните денови носат радост, топлина и надеж, како и љубов, мир и благосостојба во секое семејство“, вели Мицкоски.
Честитки упатија и опозициските лидери. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во својата порака апелираше во духот на празникот да покажеме разбирање, почит и поголема грижа еден за друг. Додека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, посака празниците секогаш да ги славиме заедно, со отворено срце и со заеднички успеси за нашата иднина.
