ДУИ ја обвинува Владата дека пренамениле 6 милиони евра, обезбедени за изградба и проширување на булеварот „Хасан Приштина“ во Визбегово. Беким Реџепи од оваа партија рече дека проектот бил подготвен и средствата биле обезбедени за време на владеењето на ДУИ-СДСМ, но Владата на ВМРО-ДПМНЕ–ВЛЕН ги пренасочила парите за друг проект.
„Какво значење има автопатот кон Блаце, ако патот што треба да го поврзе со Скопје остане во актуелната состојба, со тесни места, колони и секојдневен хаос? Не може да се гради автопат кон Блаце и, во исто време, да се отстранат парите од патот што треба да го поврзе со Скопје.“, вели Беким Реџепи.
За истата тема на седницата на Советот на Град Скопје, советникот на НАИ Абдулселам Селами го праша градоначалникот на Град Скопје.
„Средствата кои беа издвоени од Владата пред 2 години, кои претходната градоначалничка не ги искористи, а имаше и проект и сè, имавте прашање и од моја страна и одговорот го добив, всушност не го добив директно, но гледам дека во ребалансот на буџетот е ставено како точка средствата кои беа наменети за булеварот Хасан Приштина и Словенска да бидат наменети за Јужен булевар и други проекти.“, вели Селам Селами.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, одговори дека за време на неговата кампања тој не ветил реализација на овој проект, додавајќи дека има мнопгу грешки во проектот.
„Да ви го покажеме проектот што се планираше во минатото за Хасан Приштина, за кој беа издвоени дел од средствата од Владата, но и двојно повеќе од тоа требаше да обезбедиме ние како Град Скопје, но имајќи предвид дека истражувањето, и самиот знаете каква е состојбата таму и колку објекти има, не беше ниту во дискусија во минатото. Значи, пред изборите некому му текнува, раскажува приказни во јавност, ниту го подготвил истражувањето, ниту се заинтересирал да види до каде е постапката и ајде ќе го направиме. Јас во мојата предизборна програма не го ветив Хасан Приштина, но еве, јавно велам: ќе го реализирам.“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Во моментов Град Скопје е фокусиран на клучката кај Момин Поток. Најавено е дека овој сегмент ќе биде завршен до Нова година.
