ДУИ до ВМРО-ДПМНЕ: Владата не е ничија играчка!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ние сме во одбрана на легитимитетот и воопшто не се повлекуваме и око не ни трепнува затоа што сме во право, рече Ахмети.

Однесувајќи се како разгалено дете кое плаче за туѓи играчки, ВМРО-ДПМНЕ ја нарече ваквата реакција на Али Ахмети и партнерите од Европскиот фронт, бидејќи тие најавија дека тргнуваат по патот за да не дозволат, како што велат, мајоризацијата што го отежнува соживотот и демократијата. Без да прецизира какви чекори ќе преземат, Ахмети рече дека за тоа јавноста ќе биде известена навреме. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа нема врска со мајоризација или шовинизам, бидејќи според нив, преминувањето на ДУИ во опозиција нема врска со однесувањето на ДПМНЕ кон Албанците. Ахмети да престане да се однесува како разгалено дете кое плаче по играчка која не е негова, порачаа од ДПМНЕ.

ДУИ овие изјави ги нарекува скандалозни и и стави до знаење на ДПМНЕ дека Владата не е ничија играчка.

За скандалозниот израз „Ахмети да престане да се однесува како разгалено дете кое плаче за играчка која не е негова“, на ВМРО-ДПМНЕ треба да им биде јасно дека Владата не е играчка во нивни и ничии раце и прекршувањето на суверената волја е антидемократски чин и е против Охридскиот договор. Целосниот изборен и демократски легитимитет и кредибилитет му припаѓаат на Европскиот фронт и безусловното вазалство на губитниците е предодредено да пропадне бидејќи ја нема поддршката од народот.

Покрај вчерашната реакција на Европскиот фронт, Блерим Беџети предупреди и на жешко политичко лето. За ова Изет Меџити од коалицијата ВРЕДИ рече дека навистина ќе биде жешко лето за Европскиот фронт бидејќи тешко се соочуваат со реалноста, од власт во опозиција. За ТВ21 Меџити рече дека нема да се занимаваат со Европскиот фронт, туку дека треба да се реформираат.

-Ние излеговме со платформа со програма. Ние сме победници во албанскиот политички табор. Ние сме претставници на Албанците во идната Влада. Немаме намера да се занимаваме со нив. Мора да си дојдат на себе, мора да се реформираат, да се соочат со реалноста. Знам дека им е тешко да се соочат со оваа реалност, знам дека ќе им биде ова жешко лето. Но, нашата заложба е програмата, ветувањето што им го дадовме на граѓаните и да покажеме дека тоа нема да биде само смена на личности, туку ќе биде вистинска промена во политиката и владеењето меѓу Албанците, вели Изет Меџити од ВРЕДИ.

Инаку, во наредните денови се очекува да завршат преговорите за идната влада меѓу ВРЕДИ, ВМРО-ДПМНЕ и Движењето ЗНАМ, а како што најави Меџити, ВРЕДИ ќе има 6 министри, 7 заменици министри, позицијата прв вицепремиер, 5 државни секретари и претседателот на Собранието, што веќе беше реализирано со Африм Гаши.