ДУИ е против измените на Законот за пратеници, со кои се предвидува пратениците да немаат двојно државјанство, туку само државјанство на Македонија. Пратеникот Илир Хасани од оваа партија изјави дека само мал број луѓе во земјата немаат двојно државјанство и дека на овој начин, според него, ќе бидат дискриминирани многу граѓани кои сакаат да придонесат за доброто на државата.
„Македонците меѓусебно влегоа во конфликт, а нас како дете на врата сакаат да нè остават, тоа не оди така, да зборуваме реално. Нека се договорат тие кој има двојно државјанство, а кој нема – нас тоа не нè интересира. Ова е класична дискриминација на нашата дијаспора, која ние ја почитуваме. Утре никој од дијаспората нема да може да се кандидира за некоја функција тука во Македонија, а во исто време, како ќе се кандидира за пратеник од дијаспората?“, изјави Илир Хасани од ДУИ.
И од ВЛЕН сметаат дека двојното државјанство не треба да биде пречка за избор на квалитетен кадар. Пратеничката од оваа коалиција, Мимоза Муса, изјави дека Уставот му овозможува на секој граѓанин на Северна Македонија да се кандидира и да биде избран на одредени функции.
„Правото да се избира и да се биде избран е демократско право. Сметам дека во однос на ова прашање, двојното државјанство не треба да биде пречка за избор на висококвалитетен кадар, било за пратеници, било за министри. Секако, ние принципиелно велиме дека треба да се почитува Уставот, кој му овозможува на секој граѓанин на Северна Македонија да може да се кандидира или да биде именуван на функција“, изјави Муса од ВЛЕН.
Инаку, предлог-законот е веќе влезен во собраниска процедура по иницијатива на пет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ велат дека ќе ги поддржат измените, но ќе реагираат со амандмани со кои тие би важеле и за актуелните пратеници, како и за функционерите.
