Поништеното одобрение за приватното средно училиште „Медресето Иса Беу“ во Кондово, донесено од претходната власт во март минатата година, предизвика нова рунда меѓусебни обвинувања меѓу ДУИ и ВРЕДИ.
Од ВРЕДИ реагираат дека ова е уште еден доказ за, како што велат, празните ветувања и манипулациите на ДУИ, но и за послушноста на нејзините партнери. Според нив, лажната акредитација е удар за сите граѓани кои, како што тврдат, биле измамени и од молкот на ИВЗ.

„Ова е личен пораз на Али Ахмети и неговата клика, кои секогаш си играа со верските чувства на Албанците, само за теснопартиски политички интереси. Денес вистината излезе на виделина – медресето никогаш не било акредитирано на законит начин. ДУИ ја користеше во предизборни кампањи, исто како што ги користи сите симболи, чувства и потреби на Албанците – за да ги изманипулира“, вели Вреди.
Од ДУИ одлуката на Уставен ја осудија како антиуставна и како што истакнуваат тоа претставува директен напад врз верската слобода и достоинство на муслиманската заедница. Воедно ја критикуваат ВРЕДИ затоа што не реагираат на оваа одлука.

„Наместо да протестираат – тие молчат. Наместо да поднесат оставка – тие се правдаат. Наместо да ги штитат граѓаните – тие ги штитат фотелјите и наредбодавците. Тие не се претставници – тие се послушни вазали на власт која повторно го активира проектот за еднонационална држава, без место за другите“, вели ДУИ.
По вчерашната одлука на Уставен веднаш со реакција се јавија од Исламската верска заедница од каде велат дека се длабоко загрижени и не се согласуваат со одлуката на Уставниот суд.

„ИВЗ ќе ја чека официјалната одлука на Уставниот суд, ќе ја анализира и ќе преземеме конкретни правни чекори. Ги повикувам учениците на медресето да останат смирени, бидејќи ИВЗ во координација и соработка со Владата, политичките и меѓународните фактори ќе преземеме конкретни чекори“, велат од ИВЗ.
Уставен вчера донесе одлука да ја укине одредбата на Владата донесена минатата година за основање приватно средно училиште медреса во скопско Кондово. Во образложението тие наведоа дека одлуката на Владата е незаконска и неуставна, бидејќи дозволила Исламската верска заедница да биде основач на средно училиште.
