ДУИ одбележа 20 години од воениот конфликт, 19 години се чека за еден споменик

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На 20 годишнината од завршувањето на војната во 2001, екс генералниот командант на ОНА, сега претседател на ДУИ, Али Ахмети, отиде кај гробиштата на паднатите борци во Слупчане.


Заедно со министри, пратеници и други функционери од редовите на Интегративците, положија цвеќе кај паднатите борци. Но освен тоа, се соочија и со едно старо но неисполнето ветување.
Споменикот покрај гробиштата започна да се прави веднаш по војната, но и денес по 20 години, остана само арматура. Денешното ветување е дека во ноември оваа година ќе биде изграден.


„Секако дека денеска почнуваат работите. За изградбата на овој споменик, како што кажав, во спомен на паднатите борци, ОНА, мајките, жените, сестрите од оваа зона. На 28 ноември овој споменик ќе биде завршен“, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети.


Градоначалникот на Липково, Еркан Арифи, призна дека изградбата на споменикот доцни. До сега се поминати разни процедури, а урбанистичкиот план на општината започнал во 2015, вели тој.


„Како градоначалник на општина Липково наидов на затворање и завршување на урбанистичкиот план, можеби е единствен споменик со камен темелник, со дозвола за градба, со урбанистички план, има еден главен проект, ревизија на проектот, што значи дека е легален и е регистриран во Министерството за транспорт и врски и катастарот на РСМ“, истакна градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи.

Освен положувањето цвеќе, други активности не се одржаа.
Лидерот на Интегративците на подарок доби негов портрет и на најмладиот паднат борец во војната, Абуљмеџит Шахини.