ДУИ со писмо до САД, ЕУ и НАТО – бараат од нив да реагираат за седницата на Уставен за законот за јазиците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бура реакции пред одржувањето на седницата на Уставниот суд в среда, каде на дневен ред ќе се најде расправата за одредбите од Законот за јазиците.Тесното раководството на Демократската унија за интеграција вчеравечер оддржа состанок на која било оценето дека овие постапки се дел од оркестрирана кампања на нелегитимната влада и претставуваат сериозна закана за стабилноста на државата. Денеска тие, повторно  упатија  писмо до Соединетите Американски Држави, Европската унија и НАТО во кое ги повикуваат да преземат решителна акција за, како што се наведува, да се спречи поткопување на мирот и дестабилизацијата на земјата.

„На 11 декември, Уставниот суд на Македонија  го закажа разгледувањето на иницијативите кои ја оспоруваат уставноста на клучните одредби од Законот за јазиците. Постои основана загриженост дека Судот може да укине до осум одредби, со што ќе се загрози интегритетот на законот и ќе се поткопаат темелите на Охридскиот Рамковен Договор. Ваквата одлука ќе го наруши долгогодишниот напредок, ќе ја загрози меѓуетничката хармонија и ќе ја дестабилизира кревката рамнотежа што ја одржува земјата обединета“, велат од ДУИ.

Во исто време пак група од 250 албански интелектуалци се потпишаа на писмото што го испратија до уставните судии во кое потенцираат дека досегашната работа на Уставниот суд предизвикува тензии и незадоволство секогаш кога тој носел  еднострани и самоволни одлуки кои довеле до меѓуетнички тензии.

„Од она што сме имале можност да го слушнеме од вас, почитувани судии, како и од некои високи политички претставници, како на пример, изјавите на премиерот Мицкоски, кој тврди дека ќе се укинат само два-три члена од Законот, имаме причина да се сомневаме дека можете да станете учесници во остварување сценарио со политички мотиви, кое го има за цел сето она што отворено се декларира на највисоко државно ниво“, велат од Албанската академска заедница.

Првиот вицепремиер во Владата Изет Меџити вчера рече дека законот за јазиците произлегува од Охридскиот договор и кој ќе го чепне овој договор влијае на меѓуетничките односи. Премиерот пак Христијан Мицкоски истакна дека ќе се расправа само за 2 до 3 члена, а дека актуелните уставни судии се избрани од СДСМ и ДУИ и дека не му е јасно како сега ги критикуваат оние кои ги избрале. За седницата во среда, пак, уставните судии од албанската етничка заедница Осман Кадриу и Насер Ајдари најавија дека ќе ја бојкотираат седницата, со што неизвесен е исходот, бидејќи како што изјави претседателот на Уставен суд Дарко Костадиновски одлуката треба да се донесе со учество на сите 9 мина уставни судии.