Овие локални избори ќе бидат со еден од најголемиот број на независни кандидатури. Дури 25 независни кандидати за градоначалници и 57 листи за советници ќе влезат во трката на претстојните локални избори, откако вчера до истекот на рокот беа собрани потребните потписи. Ова го соопштија од Државната изборна од каде велат дека и покрај тоа работата се уште не е завршена. Кандидатурите дополнително треба да се достават до општинските изборни комисии за каде се кандидираат кои треба да оценат дали се валидни.
„За градоначалник независни кандидати успеале да ги соберат потребните потписи 25 кандидати додека што се однесува до групите избирачи кои сакаат да поднесат листи на кандидати за членови на Совет вкупно успеале да соберат потписи 57 групи избирачи. Општинската изборна комисија потоа ги цени сите документи и донесува соодветно решение во однос на истите, може да ги потврди листите може да ги врати на корекција или пак може да ги поништи листите со решение доколку недостатоците се такви што не може да бидат отстранети.“, вели Адмир Шабани од ДИК.
Во истовреме се уште се чекаат да пристигнат и таканаречените фингерпринтови, чија испорака веќе доцни. Најавено е првата пратка од 200 апарати да пристигнат деновиве, кои ќе се користат за обука на изборните комисии, а дополнително посебна пи-ар агенција ќе изработи и видео-спотови за тоа како граѓаните ќе гласаат со апаратите со отисок од прст. Портпаролот Шабани вели дека во наредниот период ќе се врши и префрлање на базите на податоци од МВР до ДИК.
„Во континуитет се вршат средби со релевантните институции, во случајов со Министерството за внатрешни работи. Фактички апаратите се оф-лајн апарати нема никакво поврзување туку само полнење на базите на секој апарат засебно со соодветните податоци за избирачкото место за каде што ќе биде наменет апаратот. Се работи за однапред подготвена база однапред поделени податоци согласно лицата кои се дел од одреденото избирачко место, како во случајот со сликите од гласачите кои беа инкорпорирани во избирачкиот список“, рече Шабани.
Шабани информираше и дека досега над 9 илјади граѓани извршиле увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија и канцеларии. Тој ги упати избирачите дека проверката на податоците можат да го направат и преку веб страната на Државната изборна комисија, а доколку има неправилности може да поднесат барање за измена или дополнување на податоците.
