Два дена пред седницата за уставни измени – Мицевски: Ќе повториме зошто сме против, мнозинство нема!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Седницата за гласањето на потребата од уставните измени нема многу да се разликува од расправата на Комисијата за уставни прашања. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на два дена пред одржување на пленарната седница в петок одржаа координација во партиското седиште за да се усогласат како ќе постапуваат на самата седница.

Неофицијално, извори од партијата велат дека тие ќе излезат на самиот почеток на седницата кога ќе се гласа дневниот ред, за, како што велат, да се види дека власта го нема потребното мнозинство од 80 пратеници. Координаторот Никола Мицевски рече дека тие не отстапуваат од ставот дека нема да ги поддржат уставните измени.

„Нашиот став е кажан и на Комисијата за уставни прашања каде аргументирано кажавме дека  власта турка процес кој што не е поддржан од граѓаните. Истото ќе го повториме и на пленарната седница. Процедурата и Деловникот се јасни, бидејќи цело време укажуваат дека имаат доволен број на пратеници јас се надевам дека ќе го стават на гласање и целокупната македонска јавност ќе види со кого си има работа последнава година дена и колку лоши и негативни се дадени врз основа на целиот овој процес. Впрочем тоа ќе се види и на самото гласање на дневниот ред“, вели Никола Мицевски.

Од СДСМ очекуваат пратениците да се приклучат кон проевропскиот брлок и да ги поддржат уставните измени со што ќе се продолжи европскиот пат на земјава.

„Очекувам сите 120 пратеници да се стават на висината на задачата, да ја сфатат одговорноста која што сите ја имаме пред граѓаните. Ова на Мицкоски му е последната можност да се приклучи кон проевропскиот блок. Мицкоски и ДПМНЕ ја имаат можеби последната шанса да покажат чувство на одговорност пред граѓаните затоа што наша обврска како политичари е да им обезбедиме сигурна иднина на граѓаните“, вели Фаница Николоска.

Седницата е закажана в петок во 11 часот на која единствена точка е предлогот за пристапување кон измени на Уставот. Претседателот на Собранието Талат Џафери претходно најави дека доколку не се обезбеди потребното мнозинство да се изгласа потребата од донесување уставни измени тој ќе ја прекине седницата и таа ќе биде одложена се додека не се обезбедат 80 гласови.