Два милиони денари за (не)чистење на реката – Општина Тетово: Пена беше исчистена, но граѓаните ја загадуваат

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

На 2-ри декември градоначалничката на Тетово, Таута Арифи на својот Фејсбук профил извести дека започнало чистењето на речното корито на Пена во делот од мостот на булеварот до магистралниот пат Скопје – Гостивар. За ова чистење врз основа на јавните тендери објавени на 14 октомври, општина Тетово издвои 2 милиона денари. За изведувач беше избрана компанијата Микели бетон од селото Порој. Врз основа на овој договор еден час работа и еден камион и багер чинеле 3100 денари.

„Општина Тетово за овој дел од реката Пена и за дел на селото Порој потрошила 2 милиони денари, но снимките самите зборуваат. Местото е преполно со отпад.“, јавува репортерот на ТВ21.

Речното корито на Пена во еден дел е исчистено, а одоколу е полно со отпад кој не е воопшто чепнат.

Прашавме во општина Тетово повторно зошто не е исчистен отпадот. Од таму со писмен одговор рекоа дека тоа место се чисти неколку пати но неодговорните граѓани фрлаат отпад за што го ангажирале општинскиот инспекторат.

„Во делот на реката во близина на мостот и населбата Мемет Паша Дерала комуналните служби вршат чистење на речното корито но несовесните граѓани фрлаат отпад. Последното чистење беше пред неколку дена кога имаше и зголемување на нивото на водата на реката, но фрлањето на отпад се случува во ноќните часови. општинскиот инспекторат врши постојани контроли и доколку се фатат лицата кои фрлаат отпад ќе се санкционираат со 50 до 200 евра.“, велат од Општината.

Во февруари 2020 од Општина Тетово за отпадот во овој дел на реката ни рекоа дека се предвидени средства за изградба на тој дел на речното корито на Пена. Но, од тогаш до сега овој дел на коритото наликува на депонија.