Судиите Наќе Георгиевски и Антонета Димовска се двајцата нови членови на Судскиот совет. Комисијата која ги спроведе изборите соопшти дека за кандидатот Георгиевски од Врховниот суд гласале 6 негови колеги од вкупно 16. Во меѓувреме имало и 7 неважечки ливчиња, што значи дека Георгиев има повеќе неважечки гласови отколку гласови за да биде член на Судскиот совет. Додека за кандидатката Димовска гласаа вкупно 110 колеги. Субхи Јакупи, претседател на изборната комисија, рече дека ова може да биде прашање за кое може да се дебатира и да се направат законски измени.
Јакупи рече дека можат да се направат законски измени и во текот на временскиот период кога може да се гласа.
Пред да се кандидира за член на Судски совет, за Георгиевски се водеше дисциплинска постапка за одредување одговорност за нестручно работење за времето кога бил претседател на Апелација во Штип, но Судски совет донесе одлука за прекинување на постапката.
Инаку Антонета Димовска е сестра на пратеничката Снежана Калевска – Ванчева.
Изборите за двете испразнети места во највисокиот правен орган следуваа по оставката на двајцата члена Мирјана Радевска Стефанова и Зоран Герасимовски.
