Две дојави за поставени експлозивни направи во патнички авиони предизвикаа вонредна безбедносна ситуација на аеродромот „Варшава-Модлин“ во Полска, каде што принудно слетаа две летала што претходно полетале од Велика Британија и Данска.
Првата дојава била примена во 9:45 часот и се однесувала на авион кој полетал од Лондон, а во кој, според пријавата, можно било да има експлозивна направа. Авионот слетал на аеродромот во 10:01 часот, соопшти портпаролот на „Варшава-Модлин“.
По слетувањето, леталото било пренасочено на посебна локација, каде што биле евакуирани сите 181 патници и членови на екипажот. Потоа биле спроведени безбедносни проверки на авионот.
Поради инцидентот, аеродромот привремено го прекинал авиосообраќајот, но нешто пред пладне било соопштено дека операциите повторно се нормализирани.
Набргу потоа пристигнала и втора дојава за наводно поставена бомба, овојпат во авион кој полетал од Данска. И тоа летало принудно слетало на истиот аеродром, каде што се вршат безбедносни проверки.
Крајна дестинација и на двата авиона бил аеродромот „Шопен“ во Варшава. Засега нема информации за пронајдени експлозивни направи.
