Две полесно повредени лица. 20 оштетени возила, повеќе од 40 паднати дрвја, поплавени околу 80 објекти, повеќе од 15 оштетени кровни контрукции и однесен покрив од петокатница, најмалку 5 паднати бандери и искинати жици, повеќе од 1000 повици на телефонскиот број 112 е билансот од вчерашното невреме. ЦУК менаџирал со 180 настани.
„Во текот на вчерашното невреме немаме загинати граѓани, немаме повредени граѓани, со исклучок на две лица коишто се затекнаа во возило врз кое падна дрво и кои се стекнаа со лесни телесни повреди. Од страна на противпожарно возило мораше да се интервенира за лицата да бидат извлечени, а потоа тимот на Брза помош да им пружи помош и истите беа однесени до најблиската болница“, вели директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Тимови на ЦУК и МВР во текот на ноќта ја испумпувале водата од пплавените подруми. Во текот на денот се уште се испумпуваше водата од поплавениот трговски центар. За причините за поплавите, Ангелов вели дека прашањето има политичка димензија.
„Би реков наглата урбанизација на градот Скопје која и не е толку нагла туку се одвива неколку децении наназад направи градот да има повеќе луѓе отколку што е подготвена да ги прими канализационата мрежа. Системот кој треба да ја прими дождовата вода е недоволен па се случува водата од една шафта да влегува од друга да излегува, но тоа е ситемски проблем за кој треба да се бараат долгорочни системски решенија“, додаде Ангелов.
Градоначалничката Данела Арсовска изјави дека екипите на Град Скопје, јавните претпријатија и Пожарната бригада соодветно реагирале по денешното невреме. Кризниот штаб бил свикан на терен, а главниот проблем за тоа што цело Скопје беше поплавено е атмосферската канализација која нејзините претходници не ја решиле соодветно.
„Најголемиот предизвик беше поради атмосферската канализација која е несоодветна за она што во моментов го имаме во Скопје. Наредните денови ќе излеземе со анализа на кој начин ќе ги решиме овие предизвици. Има повеќе примери, дел од улиците се новоизградени и таму се појавуваат проблеми, а дел се реконструирани, но притоа не е направена реконструкција на атмосферската канализација“, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
И додека се санираат штетите од вчерашното невреме од УХМР најавија дека поројните дождови ќе продолжат до петок во попладневните часови.
