И по една година од најавите граѓаните сè уште не можат да добијат целосна услуга за дигитално добивање на документите, наместо да чекаат долги редици пред шалтерите. Законот за електронски документи беше усвоен пред во јануари минатата година, но при аплицирање за добивање изводи од матичната книга преку платформата е-услуги се добива одговор дека е успешно аплицирано, меѓутоа нема опција тој да се добие електронски и за него треба повторно да се оди на шалтерите и да се подигне во хартиена форма. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во интервју за Радио Слободна Европа вели дека во најскоро време секоја потврда од матичната книга ќе се добива електронски.
„Во тек сме на промени за четирите услуги коишто ги нуди Управата за водење матични книги, извод од матична книга на родени, венчани, умрени и слободна брачна состојба. Сите тие за многу скоро време, веќе сме во фаза на тестирање на услугите, ќе бидат пренесени на националниот портал за услуги и за секоја од нив потврдата ќе биде добивана и електронски, а ќе имате можност да изберете да ја добиете на шалтер или да ви биде доставена по пошта“, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Андоновски говореше и за бесплатен роаминг со Европската унија, услуга позната како „роаминг како дома“ кое беше најавено да функционира уште од септември, па потоа го одложи за декември, а сега вели дека тоа би можело да се случи оваа година заедно со Црна Гора и Албанија.
„Мојата забелешка беше дека до крајот на 25-та ние ќе ги исполниме сите услови, но заради нивната сложеност имаме уште 4 дополнителни регулативи коишто треба да се усогласат, еве го поместуваме рокот, тоа го кажав во едно телевизиско интервју и рокот ќе биде февруари 2026 година. Вториот елемент, политичкиот којшто исто така сметам дека е важен е елемент на лобирање, елемент на создавање на еден вид позитивен притисок да ова прашање „Роаминг како дома“ биде актуелизирано на ниво на Западен Балкан“, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Иако се очекуваше Македонија веќе да добие бесплатен роаминг со ЕУ беше речено дека земјава не ги исполнува неопходните реформи, а Европската комисија потврди дека таква поволност ќе имаат Украина и Молдавија.
