Поскапувањето на лимонот и портокалот стана јаболко на раздор меѓу трговците и купувачите на домашните пазари.
Купувач: Вчера беше 40…
Продавач: Што да правиме… не сме виновни ние..
Купувач: Вчера беше 40, денеска 60, а велат да не ги поскапуваат…
Трговците имаат свои причини за покачување на цените. Велат дека цената се зголемила двојно од страна на увозниците, поради дефицит на овој производ како последица од затворањето на границите. Цената на лимонот на Бит Пазар се движеше од 150 до 200 денари.
„Беше поевтин, но пред 3-4 дена поскапе, бидејќи нема многу залихи, поради затворање на границата. Беше 80 денари, а сега стана 150“, вели продавач.
„Скапо, скапо…“, додава тој
Продавач: Повели?
ТВ21: Колку чини?
Продавач: Килограм лимон е речиси 200 денари.
ТВ21: Зошто? Дали го купивме поскапо од порано?
Продавач: 180 денари го направиле од местото кај што го купувам. Има проблем на граница.
Само на едно место лимонот можеше да се најде по пониска цена – 120 денари по килограм. Некои пазарџии велат дека цената ќе расне уште повеќе…
ТВ21: Дали тоа значи дека лимонот ќе поскапи уште повеќе?
Продавач: Да, секако. Тоа ќе биде.
За да го спречи ова, министерот за економија, Крешник Бектеши, најави нова мерка – замрзнување на цените на лимоните и портокалите.
„Повикувајќи се на Законот за трговија, ќе побараме да донесеме одлука за одредени производи да не можат да добијат повисока цена од онаа што ќе ја одредиме ние како Влада“, вели Крешник Бектеши.
Поскапување на други продукти нема, бидејќи тие се произведуваат во нашата земја.
Продавачка: Производите се наши, од нашата земја, од Брњарци… кромидот и останатите, а нешто купуваме…
Освен на Бит Пазар, покачување на цените на лимонот и портокалот е забележано и на другите пазари. Инаку, зголемување на цената на лимонот во маркетите нема, бидејќи истите се контролираат од инспектори.
