Индонезија се соочува со последиците од земјотресот: Најмалку 51 загинати, илјадници евакуирани, блокирани патишта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 5.000 луѓе се евакуирани по земјотресот со магнитуда од 7,7 степени што во саботата го погоди источниот дел на Индонезија, при што загинаа најмалку 51 лице, беа блокирани патишта и беа предизвикани свлечишта, соопштија властите.

Во земјотресот, кој вчера наутро ја погоди провинцијата Источна Нуса Тенгара, тешко се повредени 36 лица, додека 77 се здобиле со полесни повреди, изјави заменик-министерот за здравство Бенџамин Паулус Октавианус на состанок пренесуван од тамошните телевизии.

Повеќе од 3.300 луѓе во областа Сика сами се евакуирале или се сместиле во спортска арена, соопшти агенцијата за управување со катастрофи BNPB. Некои од жителите останале заглавени пред урнатите домови, под импровизирани шатори направени од церада, додека дел од повредените добивале медицинска помош во шатор поставен пред болница во пристанишниот град Маумере.

„Го понесов само своето тело“, изјави 63-годишниот Абдул Мутас за Ројтерс, откако тој и неговото семејство ја поминале ноќта под церада, опкружени со дрвја во градот Сика. „Плимата се зголемуваше, па побегнавме“, раскажа тој.

„Речиси сите жители на Сика не се осмелуваа да останат во затворени простории, па спиеја на тремови или во шатори надвор“, изјави заменик-регентот на Сика, Сајмон Субанди, за телевизискиот канал KompasTV.

Повеќе од 3.500 припадници на војската и полицијата се распоредени во регионот, соопшти секретарот на кабинетот Теди Индра Виџаја.

Спасувачките екипи стигнале до делови од Маумере, кои претходно биле блокирани од свлечишта, соопшти индонезиската агенција за потрага и спасување. Засега нема точни информации за бројот на исчезнати лица, но според BNPB, повеќето од нив се заробени под урнатините. Оштетени се повеќе од 1.300 куќи.

Владата на Источна Нуса Тенгара размислува да прогласи вонредна состојба во провинцијата, соопшти BNPB. Тоа би им овозможило на властите да мобилизираат дополнителни ресурси и финансиски средства.

Подрачјето погодено од земјотресот и во 1992 година беше погодено од земјотрес со магнитуда од 7,5 степени, кој предизвика големи разурнувања, соопшти индонезиската геофизичка агенција.

Индонезија, архипелаг со околу 290 милиони жители, се наоѓа на „Пацифичкиот огнен прстен“ – сеизмички активно подрачје каде што се судираат тектонски плочи, што предизвикува чести земјотреси и вулкански ерупции. Во овој појас годинава имаше над 11 земјотреси со јачина од над 7 степени.