Аријан Адеми одлучил да стави крај на репрезентативната кариера. Ова го откри селекторот Благоја Милевски, кој вели дека имал разговор со него, но сепак се чини дека играчот за врска е категоричен во својата одлука. Причините се од лична природа.
-Низ нашиот разговор кој го имавме во понеделникот, ми кажа дека е категоричен, дека чуствува дека е моментот да стави крај на репрезентативната кариера, пак ќе повторам, само од лични причини. За жал во иднина нема да можеме да сметаме на него. Му благодарам за се она што има направено за нашиот тим и за македонскиот фудбал воопшто-рече Милевски.
ФФМ планира да организира проштален натпревар за Адеми. Со оглед на тоа дека македонската репрезентација игра против Хрватска на 3-ти јуни, ова ќе биде можност за Адеми да се прости од репрезентацијата токму на овој меч, бидејќи е роден во Хрватска и поголемиот дел од својата кариера е член на Динамо Загреб.
„Од моја страна беше предложено, а од ФФМ прифатено, да му понудиме проштален натпревар, како што тој го замислува, како што тој сака, како што тој ќе одлучи, дали тоа ќе биде против Хрватска во Ријека на 3-ти јуни, или на првиот домашен натпревар во Скопје, вели Милевски.
Адеми првпат заигра за Македонија во 2014 година во натпревар од евро-квалификациите против Луксембург. Оттогаш големиот борец на средината од теренот запиша 30 настапи за репрезентацијата, постигна четири гола и подели една асистенција. Адеми беше дел од тимот кој заигра на историското Европско првенство. Во моментов има 32 години.
