Еден од уапсените за експлозијата на каналот Ибар-Лепенац во недела е изведен пред Основниот суд во Приштина, каде се очекува да му биде одреден притвор кој вообичаено трае 30 дена.
Косовската полиција вчера по поширока акција уапси осуммина осомничени во врска со случајот со експлозијата на каналот во Зубин Поток.
Косовскиот премиер Аљбин Курти најави дека протокот на вода во Косовската електрокорпорација (КЕК) достигна оптимални нивоа, што овозможи снабдување на термоцентралата „Косово Б“.
Курти изјави дека е повторно воспоставено снабдувањето со вода на фабриките во регионите на Митровица и Приштина и дека е започнато снабдувањето со вода за граѓаните од општините Србица, Јужна Митровица, Северна Митровица и Звечан.
Тој додаде дека наскоро се очекува нормализирање на водоснабдувањето за граѓаните во Косово Поље, Глоговац и Обилиќ.
Експлозијата на каналот Ибар-Лепенац се случи во петокот. Л.М. за Зубин Поток ИНФО сведочеше дека вода дошла од правец на каналот Ибар-Лепенац и ја поплавила нејзината куќа која се наоѓа под коловозот. Многу меѓународни организации и земји овој настан го окарактеризираа како терористички напад и го осудија. Курти ги обвини Радоичиќ и Вучиќ за експлозијата, а како цели ги наведе косовските институции. Претседателот на Србија претходно денеска изјави дека Белград „нема никаква врска со експлозијата на каналот Ибар-Лепенац“, ниту пак Србија, како што вели, „ќе помисли на такво нешто“.
