Еден загинат и тројца повредени при несреќа на градилиште во Кисела Вода

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Еден градежен работник загинал, а тројца се повредени во утринската несреќа на градилиште во скопската населба Кисела Вода, каде при ископ на темели дошло до затрупување со земја.

Од Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ информираат дека кај тројцата повредени се констатирани различни повреди. Двајца од нив се здобиле со полесни телесни повреди и контузии и се подложени на дополнителни дијагностички испитувања, додека кај едниот веднаш е санирана повреда на лактот. Третиот пациент е во потешка состојба, со скршеници на двете потколеници и една натколеница, и е под постојан медицински надзор.

Претходно, доктор Драган Панов од Итната медицинска помош за МИА изјави дека едно лице им подлегнало на повредите, а тројца биле транспортирани на лекување. Според првичните информации, работниците биле на возраст меѓу 35 и 45 години, додека загинатиот, неофицијално, имал 34 години.

На местото на несреќата интервенирале четири екипи на Итната медицинска помош, а увидот треба да ги утврди причините и околностите под кои се случил трагичниот настан.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека несреќата била пријавена во 08:17 часот, по што веднаш биле преземени активности за спасување, во координација со надлежните служби.