Една година од трагедијата кај Ласкарци – марш во чест на жртвите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Една година од страотната автобуска несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а над 30 беа повредени. По овој повод, утринава беше организиран меморијален марш од Ласкарци до Гостивар. Учесниците положија букети цвеќе на местото на трагедијата. Маршот доби поддршка и од општина Гостивар.

„Одлучивме во 5:30 да стартува маршот и да се изоди целиот пат по кој требаше да се движи автобусот. Идејата е маршот да заврши во 17:30 маршот да заврши во Гостивар, време кога на 13.02.2019 автобусот требаше да пристигне на крајната дестинација – Гостивар. Се надеваме дека барем ќе се дознае причината за она што се случи, само за луѓето да понесат одговорност и да се дознае причината за настанот“, истакна Арбен Таравари.

Патниците кои ја преживеаја кобната несреќа велат дека 13-ти февруари засекогаш ќе остане врежан во нивните сеќавања. Истовремено бараат од правосудните органи овој случај конечно да добие разрешница.

„Вредноста на овој гест на одавање почит е сеќавањето на оние што ги загубивме, да се сеќаваме на нив бидејќи не бевме само другари, туку и големо семејство бидејќи цели 12 години патувавме сите заедно. Му се молам на Бога ова никогаш повеќе да не се повтори и се надеваме дека случајот ќе се расветли што е можно поскоро“, посочи Марсел Незири.

„На 13-ти февруари, денеска навршува една година од трагичниот настан кој го погоди нашиот град, Гостивар. За жал, по една година немаме конечен исход за случајот. Бараме да се дознае вистината и виновниците да бидат изнесени пред лицето на правдата“, додаде Љуљзим Далипи.

За жителите на Ласкарци, 13-ти февруари е ден на жалост, со надеж дека вакви случаи веќе нема да се повторат.

„Сите жители 13-ти февруари ќе го паметат како страдање, бидејќи тоа беше многу тежок случај кој нѐ погоди сите. Бевме меѓу луѓето, денеска се живи и здрави, и сум со нив“, вели жител.

Автобусот кој сообраќаше од Скопје до Гостивар, излета од лентата и се преврте на другата страна. Во него, во моментот на несреќата имаше 51 патник. Во стравотната автобуска несреќа кај Ласкарци загинаа 16 луѓе, а над 30 се здобија со повреди.