Германскиот канцелар Федерик Мерц предложи земјите од Западен Балкан да добијат статус на набљудувачи во ЕУ, додека Украина да добие статус на таканаречена асоцирана членка без право на глас.
Во писмото што Мерц им го испратил на лидерите на ЕУ – претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, како и кипарскиот претседател Никос Кристодулидес , чија земја моментално претседава со ЕУ – тој оценува дека е потребна нова динамика за Украина, Западен Балкан и Молдавија.
Во писмото, кое го видело Радио Слободна Европа, Мерц нагласува дека процесот на проширување на ЕУ трае предолго и дека тоа создава разбирливо незадоволство и кај земјите кандидати и кај земјите членки.
Западен Балкан – набљудувач во институциите на ЕУ
За земјите од Западен Балкан и Молдавија, Мерц предлага разгледување на „иновативни решенија“ за забрзување на процесот на нивно членство во ЕУ.
Тој предлага, меѓу другото, привилегиран пристап до единствениот европски пазар и потесни врски со институциите на ЕУ во секојдневниот процес на донесување одлуки.
Исто така, предлага доделување статус на набљудувач за земјите од Западен Балкан во сите релевантни институции на Европската унија, како и одржување заеднички состаноци на Европската комисија или Европскиот парламент со претставници од регионот за прашања што директно се однесуваат на него.
„Постепената интеграција може да се реализира преку изградба на блокови кои би служеле како основа за целосна примена на соодветните политики, а потоа би била проследена со поголема поддршка за спроведување на законите на ЕУ. Покрај тоа, можеме да ја унапредиме и институционалната интеграција врз основа на реален напредок. Сето ова може значително да ги приближи земјите кандидати до нас и да поттикне нова амбиција за понатамошни реформи кон полноправно членство“, се наведува во писмото на германскиот канцелар.
„Да останеме цврсто посветени на ветувањето дека земјите од Западен Балкан и Молдавија можат да се приклучат на Европската унија, како што е утврдено во Копенхашките критериуми и Солунската агенда од 2003 година. Нашата цел не е променета: комплетирање на Европската унија преку вклучување на сите земји кандидати“, се истакнува во писмото.
Од земјите од Западен Балкан, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија се кандидати за членство, додека Kosovo сè уште не е.
Украина како асоцирана членка
Германскиот премиер предлага Украина веднаш да добие можност за поблиско приближување до Европската унија и нејзините клучни институции, „без да се влијае врз тековните пристапни преговори, туку со охрабрување и поддршка на тој процес“.
Според него, статусот „асоцирана земја-членка“ би можел да вклучува учество на состаноци на лидерите или министрите на ЕУ без право на глас, статус на асоциран член во Европската комисија и Европскиот парламент – исто така без право на глас – како и постепено усогласување со законодавството на ЕУ во согласност со напредокот на Украина во пристапните преговори.
Мерц предлага и автоматски механизам за враќање назад во случај на отстапување од основните вредности на ЕУ, особено кога станува збор за владеењето на правото или структурни назадувања во пристапните преговори.
„Украина е дел од европското семејство и ние ќе продолжиме да ја поддржуваме во изградбата на мирна и просперитетна иднина во рамките на Европската унија. Со овој пристап, Украина би направила голем чекор напред, веднаш приближувајќи се до полноправно членство. Би ѝ понудиле значаен еквивалент на членство, кој далеку го надминува она што би можеле да го постигнеме на среден рок преку нашата методологија за пристапување“, се наведува во писмото.
Тој нагласува дека предлогот за Украина ја одразува специфичната ситуација во која се наоѓа земјата.
Паралелно со тоа, се наведува во писмото, Европската унија ќе продолжи со редовната процедура за прием за да обезбеди формалното членство да биде постигнато што е можно побрзо.
Германскиот канцелар смета дека овие предлози не бараат промени во институционалната и правната рамка на Европската унија, туку само „силен политички договор“.
Тој додава дека овие прашања можат да се решат доколку Европејците пристапат конструктивно кон овој посебен статус, бидејќи тоа би било силен политички сигнал кој ѝ е потребен на Украина и на нејзините граѓани во време на тековната војна против руската агресија.
