Иако три компании подигнале документација, само една доставила понуда на тендерот за трет мобилен оператор. Станува збор за компанијата „Оне Македонија телекомуникации“, фирма на унгарската „Фор-ај-џи“.Комисијата за спроведување на тендерот во АЕК, при отворањето на понудите констатираше дека понудувачот ги доставил сите документи. Бидејќи е само една понуда ќе нема јавно наддавање. Но, финалната одлука ќе биде донесена по изборите.
„Треба да се има предвид известувањето од Државна комисија за спречување на корупција, бидејќи сме во фаза на распишани избори, дека во периодот до завршување на изборите, не смее, таму покрај сите останати работи, е наведено дека не смее да се отуѓува државен капитал. Бидејќи радиофрекфенциите се државен ресурс со кој управува државата и во случајов ќе се оттуѓат, одлуката, финалната одлука доколку е се во ред со документите, ќе се донесе по завршување на изборите“, рече Игор Бојаџиев, претседател на Комисија во АЕК.

Вицепремиерот Николоски потенцираше дека откако дошол на функција зборува дека на македонскиот пазар има дуопол помеѓу двата мобилни оператори Телеком и А1, и дека треба здрава конкуренција. Очекува со влез на трет мобилен оператор, пониски цени и поквалитетни услуги за граѓаните.
Очекувате сега пониски цени?
„Апсолутно, апсолутно конкуренцијата е здрава работа и мора да има конкуренција. Јас во една прилика кажав, еве ќе повторам, дека дали ќе влезе или нема да влезе трет мобилен оператор во државава, еве влегува, зависи само од постојните два оператори. За жал во овие година и нешто ништо не направија нити да ги подобрат услугите, нити да ги намалат цените и затоа има простор за трет оператор“, кажа Николоски.

Потенцијалниот трет мобилен оператор во земјава, според условите од тенедерот, треба да почне со работа на крајот на 2026 година.
