ЕФ или Вреди со ВМРО-ДПМНЕ во Влада? – Муцунски: Ние ја претпочитаме Вреди, комуникацијата веќе започна

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Врз основа на резултатите објавени од Државната изборна комисија апсолутен победник од македонскиот табор е ВМРО-ДПМНЕ со 58 пратенички места, додека победник од албанскиот табор е Европскиот фронт со 19 пратенички места. Но, при формирањето на владата, како што најави и самиот шеф на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, ќе го заобиколи Европскиот фронт и ќе започне преговори со коалицијата ВРЕДИ. Ова денеска го потврди потпретседателот на оваа партија Тимчо Муцунски. Тој рече дека комуникацијата меѓу двете страни е веќе започната.

И претставникот на ВРЕДИ, Изет Меџити, тврди дека прашањето за формирање Влада меѓу ВМРО и ВРЕДИ е завршена работа. Меџити на својот Фејсбук профил пишува дека ВРЕДИ ќе биде гласот на Албанците во новата Влада.

„Ние ќе бидеме гласот на Албанците во новата влада, бидејќи ние сме претставници на чистиот албански глас. Планот ВРЕДИ 2030 е нашата цел, како дел од новата влада“, вели Изет Меџити.

Но што велат од ЕФ? Од таму веќе себеси се прогласија за втора сила во државата и велат дека легитимитетот за претставување на Албанците и другите заедници е кај нив.

„Утре сите ние можеме да се сретнеме но легитимитетот го има втората сила во државата. Треба да се почитува гласот на мнозинството заедници во земјава. За тоа треба да водиме сметка и одговорност сите ние“, вели Али Ахмети.

И Скендер Реџепи Зејд го вели истото. Ќе бидат претставници на Албанците во влада во идниот 4 годишен мандат.

„Европскиот фронт ќе продолжи да биде ваш претставник во владата и во овој 4 годишен мандат. На другата страна, како и што се очекуваше, на албанската опозиција по овој голем пораз, не и останува друго освен да се радува на победата на ВМРО и да сонуваат дека можат да го надминат албанскиот легитимитет за претставување во владата“, вели Скендер Реџепи Зејд.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ не започна натамошни преговори со други политички партии, иако се шпекулираше дека такво нешто ќе се направи и со Движењето Знам на Максим Димитриевски. Одговарајќи на новинарски прашања, Муцунски рече дека ВРЕДИ се единствените со кои досега ВМРО ја започнала комуникацијата за новиот владин состав.