Предлог-законот за правична и соодветна застапеност ќе влезе во парламентарна процедура и таму ќе се разгледаат сите прашања, изјави вчера координаторката на пратеничката група на Европскиот фронт, Рина Ајдари, која материјалот што пристигнал во Собранието го нарече скандалозен.
-Реално не знам со какво решение ќе излезат, со каков бисер, еве конкретен пример ќе ви дадам, вчера во Собранието пристигна материјалот за Законот за правична и соодветна застапеност и беше скандалозен. Верувам дека и решението ќе биде во таа насока, бидејќи во овој случај нема потреба од ново решение, само ќе се искомплицира работата, ќе се искомплицира процедурата. Законот за употреба на јазиците е јасен, Уставот е јасен, изјави Рина Ајдари, координаторка на пратеничка група на ЕФ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека Законот за правична застапеност вчера влегол во Собранието и дека ќе ги помине соодветните парламентарни процедури. Тој рече дека наскоро се очекува негово усвојување. Стојаноски нагласи дека е важно секое законско решение да биде целосно усогласено со Уставот и со препораките на Венецијанска комисија, додавајќи дека само на тој начин може да се обезбеди одржлив и функционален закон.
-Многу е важно кога носите закони, тие да бидат во согласност со Уставот и препораките на Венецијанската комисија. Затоа што во спротивно, ако донесете закон за кој знаете дека е неуставен, тогаш си играте со емоциите и потребите на граѓаните. Тоа е нечесно и ние нема да го правиме тоа. Законот за правична застапеност вчера пристигна во Собранието и, согласно неговата процедура, односно целта за која е доставен во Собранието, процедурите ќе се почитуваат согласно Деловникот. Очекуваме овој закон наскоро да биде усвоен, изјави Бојан Стојаноски пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, Законот за правична и соодветна застапеност доаѓа по укинувањето на балансерот.
