Економската криза не ги спречи луѓето да прават свадби – сезоната почнува за неколку дена, Исени: Има свадби со по 500-600 гости

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Две години по пандемијата, рестораните за свадби ги прават последните подготовки за старт на сезоната на свадбени веселби. За разлика од лани, годинава свадбите ќе се организираат без протоколи или некакви ограничувања. Ова е Кастриот Исени кој дојде од Швајцарија за да инвестира во Кичево, со цел, како што вели, да го зачува она што му го оставиле баба му и дедо му. Вели дека во неговиот ресторан, кој е во завршна фаза од реновирање, има резервирано свадби за ова, па дури и за наредното лето.

„За ова лето сме резервирани до крајот на август во двете сали. Следната година исто. Резервирана е речиси цела сезона и гледам дека дури и за 2024 година има многу заинтересирани. Веќе започнаа и резервациите за 2024-та“, вели Кастриот Исени.

Менаџерот на истиот ресторан, Наим Зенку, вели дека годинава нема да ја зголемат цената на порциите, независно од поскапувањето на прехранбените продукти на светско ниво. Во однос на персоналот, вели и покрај тоа што другите ресторани се жалат на недостиг келнери, нивниот ресторан располага со доволен број вработени, бидејќи ги покачиле и платите и дневниците.

„Немаме проблем со работници. Персоналот ни е комплетиран, и во делот на кујната, и во делот на келнерите. Поради светскиот тренд цените се зголемија насекаде, но ние нема да ги покачиме цените, поради тоа што веќе склучивме договор со луѓето кои резервираа уште лани. Така што, не е во ред да не го одржиме зборот“, вели Наим Зенку.

Исени вели дека и покрај ударот од економската криза, нивните клиенти не го намалиле бројот на поканети, па така на свадбите што се резервирани во неговиот ресторан е предвидено да има од 500 до 600 гости.

„Во однос на бројката, лани имавме ограничен број поради пандемијата, а за годинава сѐ уште не кажаа ништо. Освен три свадби, едната е резервирана за околу 630 луѓе, а има и свадби од Швајцарија со над 500 поканети“, порача Кастриот Исени.

Инаку, изминативе две години, рестораните имаа проблем со организирање на свадбени веселби поради анти-ковид мерките.