Политички важен, но економски не може да очекуваме бум, бидејќи Македонија нема голем обем на трговска размена со САД. Ова се реакциите на дел од економистите за Рамката за идниот Договор за „фер и реципрочна“ трговија меѓу Македонија и САД. Според дел нив, тој има повеќе политичка отколку економска тежина, и во него гледаат асиметрија, а не реципроцитет.
-Македонија и да ги укине сите американски индустриски и земјоделски производи, а САД дури и да ја задржи стапката од 15 посто, формално би се рекло не е тоа реципроцитет, тоа е некоја асиметричност на пазарот, но како и да е немаме некој голем ефект. Да сумираме политички, договорот има политичка можност, значи треба да се види како позитивно, но од економски аспект ние не би можеле да очекуваме дека би се реализирал некој економски бум, изјави универзитетскиот професор, Абил Бауш.
За универзитетскиот професор Синиша Наумоски позитивно е тоа што се подготвува како договор и секоја соработка помеѓу САД и македонската економија во однос на стратешки цели е за позитивна. Според него по потпишувањето на договорот ќе знаеме што се тие клучни одредби во однос на производите коишто сега се најавуваат како намалување од 15-те проценти царина.
-Во вкупната трговска размена американските држави не се толку влијателен дел во однос, ако направиме компарација или паралела со Европската Унија, но секако ова е за поздравување, бидејќи може да биде еден мотиватор или една позитивна информација за идните или сегашните идни претприемачи и оние коишто сакаат позасилено да соработуваат со американската држава со компаниите таму, а тоа најчесто можам да го кажам од искуство и со македонската дијаспора, изјави Синиша Наумоски, универзитетски професор.
Премиерот Мицкоски, во објавата на социјалните мрежи за договорот, најави дека 64 наши производи ќе се извезуваат со царина од нула до 6 проценти. Инаку, според последните достапни податоци за 2024 година на Државната статистика вкупната трговска размена меѓу Македонија и САД е околу 314,2 милиони долари. Извозот е околу 118 милиони долари, и бележиме дефицит во размената.
