Емел: Една порака од Груевски промени сѐ – „Без правда за нашиот случај нема реформа во правосудството“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Животот сè уште ни е под залог и чекаме да бидеме праведно судени, раскажуваше синоќа во „Click Plus“, Емел која е ќерка на Велија Рамковски кој пак беше во средината на т.н Пајажина.

„Животот ни е под залог, ние лежевме затвор, излеговме – четири години сме на т.н. слобода, сѐ уште чекаме праведно да бидеме судени“, рече Емел Рамковска.

Посочува дека тие наоѓале пари за да го исплатат долгот, но една порака од екс премиерот Никола Груевски променила се.

„Ние правевме обиди за да ги исплатиме, ги најдовме парите, се додека не стигнавме кај цифрата 9. Ние имавме пријатели, партнери, бизнисмени со кои комунициравме, тие беа спремни и со 9 да ни помогнат. На еден од нашите блиски, му пристигна порака од Никола Груевски да се тргне, со каков речник, на кој начин и со кој зборови јас не сум сигурна, но човекот се повлече. Тука веќе ги исцрпивме ние можностите да најдеме било каква сума, затоа што веќе беше јасно“, вели Рамковска.

Таа вели дека иако повеќе од четири години се на слобода, нивната пресуда е заснована само врз 10% од прибавените и одземени докази од А1 телевизија. Додава дека без правда за нивниот случај не може да има реформа во правосудството.

Семејството Рамковски правда бара и во судот во Стразбург. Одлука за тоа додава дека ќе има за најмногу 5 години од сега.

Потребно е задолжително да покажеме поголема подготвеност во решавање на предметите, во оценување на работата на судиите и да покажеме подготвеност за примена на владеење на правото, вели поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Стразбург Маргарита Цаца Николовска.

„Како судија во европскиот суд за човекови права, видов дека кај многу држави од ЕУ има многу проблеми. Една Италија како држава кога дојдов во судот, имаше најголеми проблеми со должина на постапките“, додаде Маргарита Цаца Николовска.

Минатата недела во јавноста одекнаа нови бомби кои наводно ја откриваат политичката позадина на случајот со затворањето на А1 телевизија. За тоа дали ќе има преиспитување на судскиот процес со некогашната А1 телевизија, министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека во судството ќе се направат потребни реформи за зголемување на интегритетот, одговорноста и ефикасноста на судиите и обвинителите.

„Токму затоа, поради ниската доверба и изразените сомнежи во квалитетот на судските пресуди изнесени во меѓународните извештаи, паралелно во правосудството ќе се спроведат реформи за зголемување на интегритетот, одговорноста и ефикасноста на судиите и обвинителите“, вели Бојан Маричиќ.

Во 2011 година по повеќе од 18 години најстарата, приватна телевизија престана да емитува програма поради одлука на АЕК која донела решение бидејќи за компанијата има отворено стечајна постапка. Сопственикот и уште неколку негови соработници беа во поради основано сомнение за кривично дело, затајување на данок.