Ескобар во прва посета на Македонија – „Вие сте дел од Европа и треба да имате столче на масата на ЕУ“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со Македонија не сме само пријатели туку и партнери и сојузници порача на својата прва денешна посета на земјава заменик помошникот на САД за Европа и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар. Специјалниот претставник, кој се смета за булдожер дипломат во унапредувањето на европските процеси во регионот ја пренесе силната поддршка од американската влада за брза интеграција на Македонија во Европската унија.

„Нашата администрација силно поддржува брза европска интеграција на Северна Македонија и ние работиме со нашите европските партнери да бидеме сигурни дека тоа брзо ќе се случи. Мислам дека сите се согласуваме дека Северна Македонија е дел од Европа, културно е дел од Европа, историски е дел од Европа и економски е дел од Европа и вие треба да имате столче на масата. Во тој поглед ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори во процесот на европски интеграции“, истакна Габриел Ескобар.

Ескобар си замина од прес конференцијата без да се дозволи да му се постават прашања за тоа каква ќе биде неговата мисија за надминување на спорот со Бугарија и дали ќе има средби во Софија. Неодамна министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека до 14 декември кога треба да биде Советот на Европа има доволно време да се постигне договор со Бугарија. Но од друга страна пак од Софија се испраќаат пораки дека до средината на декември нема никаква можност да биде составена новата бугарска влада.

„И после 14-ти во било кој ден до крајот на годината словенечкото претседателство може да свика вонреден состанок на министри за Европа доколку добие информации од Република Бугарија дека се спремни да ја поддржат преговарачката рамка и одлуката за почеток на преговори. Што значи дека цел декември за почнување на преговори, а се разбира и периодот после тоа. Нас се уште ни е таргет декември“, порача Бујар Османи.

Инаку, Ескобар имаше средби и со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Никола Димитров претседателот на државата Стево Пендаровски на која, како што велат од кабинетот на шефот на државата било разговарано за односите на Македонија со САД, како и за состојбите во регионот.