ЕУ бара храбри и стратешки одлуки – Петков: Унијата застана на страната на Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешните бугарски премиери, Бојко Борисов и Кирил Петков го повикаа Скопје да ги вклучи Бугарите во Уставот, за Македонија да не изостанува на европскиот пат. Тие велат дека Европската Унија застанала на страната на Бугарија, а Македонија треба да го почитува она што е договорено.

„Резултатот е дека Албанија продолжува напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од Северна Македонија, да си се носат со она што нивното однесување денес го создаде“, изјави Бојко Борисов од ГЕРБ.

„Република Северна Македонија треба да реши дали сака да ги внесе Бугарите во својот Устав или нејзиниот пат кон Европската Унија да се затвори. Јас многу се надевам дека ќе размислат, зашто ова што се случува во моментов е дека Албанија се раздвојува од нив и тие ќе го продолжат патот кон Европа побрзо“, вели Кирил Петков „Продолжуваме со промената“.

Од друга страна, во интервју за МИА, претседателката Горадан Сиљановска Давкова истакна дека во Договорот за добрососедство со Бугарија никаде не пишува да се внесат Бугарите во Уставот. Таа не одговара конкретно дали е можно да се оствари идејата на Владата за т.н. „француски предлог плус“. односно, да се добијат нови гаранции, за кои е потребен и дијалог со Бугарија.

Претседателката синоќа во Њујорк, присуствуваше на работен ручек за државниците од Западен Балкан, во организација на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел. Борел истакнал дека членството во ЕУ е на дофат, но потребни се храбри чекори.

Македонските власти истакнаа дека ќе почекаат стабилна политичка Влада во Софија, со која евентуално би отвориле дијалог за деблокада на евроинтегративниот процес. Изборите кај соседите се закажани за 27 октомври.