ЕУ го „преиспитува“ самитот со Обединетото Кралство откако Кир Стармер го објави планот за заминување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Портпарол на Европска комисија во понеделник изјави дека ЕУ ги „преиспитува“ плановите за одржување самит со Обединето Кралство кон крајот на јули, бидејќи станува сè поверојатно дека наследникот на премиерот Кир Стармер ќе ја преземе функцијата за само три и пол недели.

Самитот меѓу ЕУ и Обединетото Кралство, закажан за 22 јули, сè повеќе е под знак прашање откако Стармер во понеделник го објави временскиот план за своето заминување од Даунинг стрит 10, а Брисел потврди дека плановите се преиспитуваат.

„Заедно со претседателот на Европскиот совет, Кошта, и со Обединетото Кралство ја преиспитуваме можноста самитот да се одржи како што беше најавено минатата недела, а понатаму ќе постапуваме согласно развојот на настаните“, изјави главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо.

Владата на Стармер го постави обновувањето на односите со ЕУ по Брегзит како еден од главните приоритети. Двете страни беа блиску до склучување договори за зајакнување на трговските врски, интеграција на пазарите за електрична енергија и зголемување на мобилноста на младите пред самитот на 22 јули, втор од ваков вид.

Датумот за самитот беше потврден минатата недела за време на средбата меѓу Стармер и претседателите на Европската комисија и Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта, на самитот на Г7 во Франција.

Но, одлуката на Стармер да се повлече поради растечкиот притисок во неговата Лабуристичка партија ги наруши овие планови. Еден претставник на ЕУ, кој сакал да остане анонимен, посочил дека самитот најверојатно ќе биде одложен.

Друг извор од ЕУ бил повнимателен и изјавил дека е „прерано“ да се шпекулира за следните чекори, бидејќи тие ќе зависат од внатрешно-политичкиот развој на настаните во Обединетото Кралство.

Говорејќи пред Даунинг стрит 10 во понеделник, Стармер претстави распоред според кој нов премиер би бил избран најдоцна до септември.

Сепак, сè поизвесно е дека Енди Барнам, кој се смета за фаворит за наследник на Стармер, би можел да ја преземе функцијата уште во средината на јули без сериозна конкуренција.

Вес Стритинг, кој поднесе оставка во мај и се очекуваше да се кандидира за премиерската функција, во понеделник објави дека ќе го поддржи Барнам, што значително ја зголеми веројатноста за избор без вистинска трка.

Тоа значи дека Барнам, личност која е релативно непозната за претставниците и дипломатите на ЕУ, би можел да ја преземе функцијата веќе на 17 јули, само пет дена пред планираниот самит.

Ресетирањето на односите е доведено во прашање

Стармер оствари убедлива победа на парламентарните избори во Обединетото Кралство во јули 2024 година со програма која ветуваше надминување на долгогодишните тензии и обновување на односите со ЕУ.

Сепак, неговата влада постави јасни црвени линии, одбивајќи повторно приклучување кон Единствениот пазар или Царинската унија на ЕУ, што значеше дека трговските пречки ќе треба да се решаваат преку секторски договори.

Минатата недела, британскиот министер за односи со ЕУ, Ник Томас-Симондс, кој ги предводеше преговорите во име на Лондон, изрази уверување дека двете страни ќе успеат да финализираат повеќе нови договори навреме за самитот на 22 јули.

Но политичката ситуација за Стармер драматично се промени откако Барнам оствари убедлива победа на дополнителните избори во изборната единица Мејкерфилд минатиот четврток, обезбедувајќи место во Долниот дом и отворајќи пат за предизвик на лидерската позиција на Стармер.

Иако Барнам неодамна изјави дека нема намера повторно да ги отвора дебатите за Брегзит, тој во септември минатата година рече дека би сакал Обединетото Кралство повторно да се приклучи кон ЕУ до крајот на неговиот живот.

Иако неговите намери во однос на идните односи меѓу ЕУ и Обединетото Кралство остануваат нејасни, широко се очекува тој да ја продолжи политиката на Стармер за поблиски врски со ЕУ, без да ја поништи одлуката што британските граѓани ја донесоа на референдумот за Брегзит пред точно десет години.