ЕУ предупредува дека кризата ќе трае долго: „Нема враќање во нормала – работа од дома каде што е можно“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Работење од дома, во сектори каде што е можно, намалување на ограничувањето на брзината на автопатите за 10 км/ч, систем на пар-непар возила, потикнување на користење на јавен превоз и споделување на превоз со приватни возила. Ова се дел од мерките кои Европската комисија ги подготви и кои ќе ги испрати до земјите членки како дел од препораките на Меѓународна агенција за енергија. Европската комисија ова го прави со це справување со нафтената и енергетската криза предизвикана од војната на Блискиот Исток. И утре да биде договорен мир, последиците ќе се чувствуваат уште долго, велат од таму.

-Никој не знае колку долго ќе трае кризата, но мислам дека е многу важно да се нагласи дека таа нема да биде кратка, затоа што дури и ако утре има мир, последиците ќе останат, бидејќи енергетската инфраструктура во регионот е уништена од војната и сè уште продолжува да се уништува, изјави Ден Јоргенсен, комесар за енергија.

Цената на гасот во ЕУ од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток пораснала за околу 70 отсто, а на нафтата за 60 отсто. Само за еден месец, за увоз на фосилни горива биле потрошени дополнителни 14 милијарди евра.

Но, за разлика од почетокот на неделата кога нафтата од типот Брент на светските берзи достигна 115 долари за барел, денеска забележан е пад и се движи околу 100 долари. Сето ова доаѓа по изјавата на Трамп дека САД ќе се повлечат од Иран за две до три недели.

-Мислам дека за две или три недели ќе си заминеме. Затоа што нема причина да остануваме тука. Видете, проблемот со Ормутскиот теснец е тоа што некој може да стави мина, да ја фрли во водата и да каже: О, не е безбедно. Не е како да ја изнесуваш цела армија или цела држава, можат само да ја фрлат. Или можеш од брегот да го земеш својот митралез и да испукуваш неколку куршуми на бродот. Или можеби мали ракети од рамо. Тоа не е за нас, тоа ќе биде за Франција, или за кој било што го користи Теснецот. Но мислам дека кога ќе си заминеме, веројатно сè ќе биде расчистено, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.

Нападите на САД и Израел врз Иран започнаа на 26-ти февруари. Како одговор, Иран го затвори Ормутскиот теснец поради што останаа заглавени илјадници танкери, пред сè со нафта, но и со други производи. Тоа предизвика криза, која се чувствува во целиот свет.