Централна Европа се подготвува за најтешките поплави во последните децении поради предвиденото поминување на циклонот Борис, кој се очекува овој викенд. Според метеоролозите од Чешка и Полска, во некои региони од нивните земји може да наврнат до 400 литри дожд на квадратен метар во следните четири дена, додека во Австрија и Словачка се очекуваат речиси 200 литри.
Културните настани за викендот се откажани во овие четири земји поради прогнозираното поминување на циклонот. Резервоарите за вода, особено оние околу браните, се испразнети за да може да се прифати големата количина на дожд. Во Полска се објавени метеоролошки аларми за југот на земјата, особено за градовите на реката Одра, како Вроцлав и Ополе.
„Постои реален ризик од локални поплави в петок и в недела,“ предупредија полските метеоролози.
Во Вроцлав, кој има 675.000 жители, Општината формираше кризен штаб. Според чешкиот министер за животна средина, Петар Хладик, ситуацијата во земјата „може да биде слична на онаа од 1997 и 2002 година.“
Врнежите би можеле да бидат поголеми од оние што ја погодија Централна Европа во 2013 година, кои тогаш се сметаа за најлоши во последните илјада години, предупредува словачката метеоролошка служба imeteo.sk. Со движењето на студениот бран низ Европа кон исток падна и првиот снег на словенечка Кредарица.
Се очекува овој циклон да не дојде до Македонија, односно да се задржи во централното европско подрачје. Балканот со само еден дел ќе биде зафатен од овој силен циклон, но нема да биде со ист интензитет како во Австрија, Чешка, Словачка и Полска.
Very concerned for a catastrophic #flood event to unfold across parts of central / E Europe over the coming days. EC predicting over 350mm to fall by Tues in a few spots – that's more than what fell in the devastating Danube basin flood event in 2013 – that was said to be a… pic.twitter.com/JBxPPlfK9z
— Nick's Weather Eye (@NickJF75) September 13, 2024
