Европската Комисија потсети дека земјите членки под ниеден услов не смеат да се мешаат во домашните работи на други земји, членки на ЕУ или не, одговарајќи на прашање на дописничката на МИА за изјавите на бугарскиот претседател дека повеќе од 120 илјади граѓани на Северна Македонија се и државјани на Бугарија, врз основа на доделените пасоши и документи за нивното потекло.
Портпаролката на Европската Комисија, Дана Спинант, не сакаше да одговори специфично за случајот со Северна Македонија, но потсети на принципиелната позиција на Европската Комисија.
„Никогаш не е прифатливо една земја да и диктира било што на друга земја, за било која земја да зборуваме. Ако ме прашувате генерално, воопшто, дали некоја земја треба да и каже на друга што да прави, тогаш одговорт е не. Не зборуваме за диктирање на правила, зборуваме за дискусија за нештата, дискусија за методологија, и тоа е за она што треба да се разговара. Но, би сакала да завршам со коментарот за ова, но дозволете да кажам дека зборуваме генерално, бидејќи не можам да коментирам за што преговараат двете земји, само можам да кажам дека е можно да се најде брзо и позитивно решение за овие различни прашања“, истакна Дана Спинант.
