Европскиот фронт ќе собира потписи за уставни измени – Касами: Обид да се одржи надежта кај партиските активисти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратеникот од Европскиот фронт, Блерим Беџети, го најави почетокот на постапката за обезбедување на потребните потписи од пратеници за иницирање уставни измени. Тој ги повика сите пратеници да ја поддржат оваа иницијатива, бидејќи, како што додаде, нашата земја изгубила две цели години во процесот на евроинтеграции. Беџети очекува предлогот за уставни измени да може да биде поднесен од најмалку 30 пратеници.

„Затоа, почнувајќи од денес, упатуваме повик до сите пратеници во Собранието на РСМ. И до парламентарното мнозинство и до опозицијата, вклучително и пратениците од Алијансата за Албанците на господинот Таравари и господинот Села, ДПА, независните пратеници, како и претставниците на сите политички партии кои ја гледаат иднината на земјата во Европската Унија. Особено пратениците од ВЛЕН да ја дадат својата поддршка со потпишување на оваа иницијатива“, вели Беџети.

Од ВЛЕН ја оценија ваквата иницијатива како несериозна, сметајќи ја повеќе за пародија отколку за институционален предлог што заслужува сериозен третман. Еден од лидерите на ВЛЕН, Билал Касами, изјави дека оваа идеја служи за задржување на партиските активисти.

„ДУИ имаше 20 години да ги промовира уставните измени и да ги унапреди колективните права на Албанците. Денес, кога ДУИ е пред својот конечен распад, бидејќи веќе гледаме дека членовите на коалицијата на АХИ секојдневно го напуштаат овој политички субјект, за да ја одржи надежта кај своето членство, излегува со големи идеи.“, изјави Касами.

Инаку, и ВЛЕН и ДУИ се за уставни измени, но без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ не може да се обезбеди двотретинско мнозинство.