Додека тече собирањето потписи за кандидат за претседател, политичките партии не ги запоставија ниту разговорите за коалициите и изборните листи. Од едната страна имаме дефинирана опозициска коалиција, од другата страна се уште течат преговорите за предизборна коалиција. Со цел да бидат само два блока од албанските политички партии, не се исклучува можноста наскоро да се официјализира и коалицијата меѓу ДУИ, ЕДП и Народно Движење. Од ЕДП не откриваат детали дали ги доближиле ставовите со ДУИ. Накратко одговорија дека за конечната одлука ќе ја информираат јавноста.
-Сигурно дека кога ќе има конкретна одлука ќе ја известиме јавноста-вели Аријанит Хоџа.
И лидерот на Народното движење, Скендер Реџепи вели дека нема напредок во преговорите бидејќи имале внатрепартиски активности. Следниов период, ќе продолжат средбите.
-Нема ништо ново поради активностите со младинскиот форум. Верувам дека следниве денови ќе одржиме средби-рече Скендер Реџепи.
Во меѓувреме, Зијадин Села од АА, и натаму се повикува на последната одлука на централното раководство дека АА треба сама да оди на избори. За носење конечна одлука, лидерот на ДУИ, Али Ахмети го советуваше Села да спроведе внатрепартиски референдум.
-г. Села секако ќе ја дискутира одлуката и неговата конечна определба, за тоа што ќе одлучи. Мое мислење е дека г. Села треба да распише референдум во партијата, дали ќе оди како автономна партија или ќе му се приклучи на Европскиот фронт-рече Ахмети.
ТВ21 дознава дека и ДУИ прави анализи дали да настапат сами или во коалиција. Доколку настапат сами, се вели дека Зијадин Села можно е да биде носител на листа во ИЕ 5 а Илире Даути да биде трета во ИЕ 6. Во зона 2 носител може да биде Скендер Реџепи и Аднан Исмаили но таму може да се вклучи и Бастри Бајрами од ЕДП додека претседателот на оваа партија, Арјанит Хоџа да се натпреварува во зона 6.
