Филипче: Дали ќе има свадби и жива музика ќе се разгледува од понеделник

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Барањата на угостителите за дозвола на организирање на свадби, како и жива музика, доставени до Министерството за здравство ќе се разгледува в понеделник, посочи денес министерот за здравство, Венко Филипче. Од независната угостителска комора бараа да се дозволи да работат и затворените делови на кафеаните и кафулињата, на една маса да можат да седат и над шест лица, да има жива музика и да се дозволи организирање свадби, прослави и веселби под одредени протоколи.

Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека актуелните мерки треба да бидат на сила најмалку уште една недела, но барањата на угостителите ќе се разгледаат.

„Сите барања ќе ги разгледаме в понеделник кога ќе се прави пресек за епидемиолошката слика за изминативе две недели. Се покажа дека олабавените мерки не доведоа до влошување на состојбата, но сепак сметам дека уште најмалку една недела треба да останат мерките кои сега се на сила“, рече Филипче.

Филипче кажа дека останува на ставот маски да се носат и на отворено уште некој период, односно додека не се имунизира поголем дел од населението.