Филипче ќе го вакцинира својот син со Фајзер – во некои западни земји вакцинацијата на децата е задолжителна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за здравство Венко Филипче ќе го вакцинира неговото дете со „Фајзер“ бидејќи со тоа сака да даде пример дека вакцините против корона вирус се безбедни за децата. Тој вчера најави дека од понеделник и децата над 12 години ќе може да се вакцинираат против Ковид 19. Вкцината не е задолжителна, родителите сами одлучуваат дали сакаат нивното дете да биде вакцинирано.

„Да се разбира. Мислам дека мора да се направи.Тоа е единствен начин да стигнеме до колективен имунитет. Има земји каде вакцинацијата на децата е задолжителна, односно нема да ги примаат децата во училишта доколку не се вакцинирани.Тоа е некаде во западноевропските земји. Кај нас нема да биде задолжителна вакцината“, вели Венко Филипче.

Иако сите заболени со делта сојот се лица вратени од странство, Комисијата за заразни болести се уште нема одлука за нови рестрикции на границите.

„Претежно ќе се зборува дали нешто треба да се препорача за критериумите за влез на граница, иако гледаме дека многу земји во регионот иако имаат некакви рестриктивни мерки, Грција на пример, сепак има пораст на случаите. Треба да се препорачаат мерки кои што навистина ќе бидат ефикасни“, додава Венко Филипче.

Инаку Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ објави предлог мерки кои како што велат надлежните треба да ги превземат час поскоро.

„Професионализација на Комисијата за заразни болести; 2. Забрзување на вакцинацијата против Ковид-19; 3. Зголемување на контролата на границите; 4. Достапност на тестирање за Ковид-19; 5. Јасен и прецизен „Бел план” за здравствениот систем при нов бран на Ковид-19; 6. Зголемување на достапноста за рендген и лабораториските анализи за пациенти со Ковид-19“, посочи Игор Николов.

Досега во земјава има 10 потврдени случаи со делта сојот. Само еден од пациентите е во потешка здравствена состојба, а останатите се во стабилна здравствена состојба.