Претседателот на СДСМ, Венко Филипче најавува онлајн петиција против мигранти во Македонија.
Филипче предупреди и на искуствата од Европа, а како што вели, европската статистика покажува дека со лошо спроведени политики на интеграција на мигранти се случуваат големи проблеми во државите и во општествата каде што тие доаѓаат. Тој нагласи дека цената на ваквите политики би била висока и повика граѓаните да се вклучат за зачувување на безбедноста на земјата.
„Дали е ова, цената што треба да се плати за да се добие кредит од 6 милијарди евра, кои што ќе ги плаќаат многу следни генерации, следните децении, за да ова влада тие пари ги потроши на договори во четири очи. Не смееме да дозволиме насилно внесување на мигранти во нашата земја. Ќе покренеме за почеток онлајн иницијатива против ова, ќе следат и следни чекори. Ги повикувам сите граѓани, помогнете да ја зачуваме нашата татковина. Помогнете да ја зачуваме безбедноста и иднината на Македонија“, рече Филипче.
Од друга страна, пак, ВМРО-ДПМНЕ повторно демантира дека има било каков договор со Велика Британија за прием и населување на мигранти на наша територија.
„Одговорно, како ВМРО-ДПМНЕ, тврдиме дека нема да има никакви мигранти во Македонија, ниту пак има некаков план за во иднина. Јавноста и граѓаните да останат смирени, бидејќи се додека е ВМРО-ДПМНЕ на власт, мигранти во Македонија нема да има“, изјави Валентин Манасиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Темата со мигрантите ја вжешти политичката атмосфера во Македонија, откако неколку британски медиуми, меѓу кои и „Телеграф“ објавија дека помеѓу Велика Британија и Македонија се воделе преговори за прифаќање на мигранти. Според „Телеграф“ освен Македонија, согласност има и од Косово, додека Босна и Херцеговина и Албанија, поради безбедносни причини одбиле таква нешто. Според договорот, за секој прифатен мигрант, Македонија би добивала по околу 25 илјади фунти од Велика Британија.
