Владата не покажува никаква намера за продолжување на евроинтегративниот пат, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој оценува дека не е преземен никаков чекор за ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ да се изгради подобра државна позиција со која ќе се деблокира евроинтегративниот пат.
„Тоа е обврска на Владата. Да направат се, еве согласно нивните ветувања дека ќе ја подобрат позицијата и ќе направат не знам какви работи… а се што гледаме е само влошување на нашите односи со Бугарија и тоа никако не оди во прилог на националните интереси на земјава.“, вели Венко Филипче.
Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски решението го гледа преку уставни измени со одложено дејство, но, како што додава, ако се прифати ваквата идеја повторно ќе треба да има гаранција дека нема да има дополнителни услови на патот кон ЕУ.
„Од она што можам во моментов да го видам, а и што го слушам е дека никој ништо не може да ни гарантира. Бидејќи никој ништо не може да ни гарантира не можеме ни ние да бидеме толкави оптимисти, како што би сакале да бидеме и затоа овие два процеса – кон полноправно членство во ЕУ и завршување на домашната задача ќе ги водиме паралелно.“, вели Христијан Мицкоски.
Сепак, додава Мицкоски, поголемо внимание ќе има процесот на домашните реформи.
„Доколку се појави двонасочна улица од другата страна, ние сме тука, подготвени сме да разговараме.“, додаде Мицкоски.
Мицкоски претходно најави дека ќе чека стабилна политичка Влада во Софија со која ќе се започнат разговори за деблокада, а од Бугарија одговорија дека репреговарање на договореното е невозможно со која било бугарска Влада.
