Се наоѓаме во критично време и многу важен момент за членство на земјава и Европската унија и доколку не се качиме на европскиот воз можно е вратите да ни бидат затворени со децении. Ова го порача претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Венко Филипче на дискусијата за „Геополитичката димензија на проширувањето на Европската унија и импликации за Западен Балкан“. Филипче со отворен повик до премиерот Мицкоски.
„Го повикувам Христијан Мицкоски, власта, заеднички да ги направиме уставните измени. Притоа ќе ја споделиме одговорноста за тој чин, ние како коалиција што ја предводи Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Истовремено имајќи предвид дека како што била праксата во сите земји, во Хрватска, Бугарија и така натаму кога траеле преговорите сите партии работеле заедно, да знае дека ја споделуваме одговорноста“, вели Венко Филипче.
Антонио Милошоски претседател на Комисијата за европски прашања смета дека она што се врти во меѓународните кругови на постепено придружување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, треба да се расправа и на претстојниот самит за ЕУ што треба да се одржи во Црна Гора.
„И во самата Европска Унија, земјите членки се свесни дека овој процес и за нив не е лесен и затоа веројатно и предлагаат решенија кои што значат побрзо, но сепак постепено придружување кон заедницата на земји членки на Европската унија“, вели Антонио Милошоски.
Владимир Дробњак, кој беше главен преговарач во пристапниот процес на Хрватска со Европската унија говореше за геополитичкиот аспект од проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан. Тој ја нагласи стратешката позиција на земјава за ЕУ.
„Стратешката важност на Северна Македонија односно нејзиното членство во НАТО не може доволно да се нагласи меѓутоа тоа не е единствената придобивка. Позицијата на земјата на главните југоисточни европски рути ја поставуваат Северна Македонија како линк помеѓу Централна Европска Унија, Егејското и Црното Море. Ќе ги спомнам коридорите 10, коридорот 8“, вели Владимир Дробњак.
Академик Владо Камбовски пак рече дека за членството во Европската Унија треба да се отвори широка јавна расправа за евроинтегративниот процес, меѓу кој и темата за внесување на Бугарите во Уставот. Да бидат повикани сите политички партии, синдикати, академската заедница кои ќе ги отворат сите прашања и на крајот да се стигне до најприфатливите решенија кои ќе помогнат во оваа ситуација, рече тој.
